Јаготка на шлагот: награда за coolinari.mk во категорија сајт со најдобар дизајн за 2015

Вчера, во фоајето на МОБ во 19:00 часот се одржа прогласувањето на најдобрите сајтови за 2015 година во организација на Media Solutions и системот за онлајн реклами keepaneye.mk, од каде coolinari.mk замина со награда за 3-то место во категорија -Сајт со најдобар дизајн за 2015 година.

Во конкуренција на 285 пријавени веб страници, согласно неколку критериуми на оценување, жирито и посетителите кои гласаа онлајн ги избраа веб-страниците кои оваа година си заминаа со награда за своите успеси.

„Наградата е вистинско изненадување, Вики (Викторија Крстеска-проектен асистент) аплицираше во последен момент, иако по номинацијата таа и посветено го водеше процесот мотивирајќи ги сите наши поддржувачи да гласаат. Благодарни сме на сите што беа и се дел од кулинари на свој начин: Антонио и Стефан, Дарко и Јордан, директорот Зоран и СУГС „Лазар Танев“ , Арбен и Мухамед, Дамјан, Барда, студио „ Преплет“, Никола Војнов, Риси, Младите можат, Младиинфо, УНДП… и секако благодарност до жирито и сите што гласаа за нас. Среќни сме што coolinari.mk доби награда и се надеваме дека ова ќе биде мотивација-плус за учениците готвачи да ја засакаат уште повеќе својата професија и да користат повеќе IT алатки.Ние навистина веруваме дека „кул е да си кулинар“- изјави Ирина од АРНО.

www.coolinari.mk e онлјан дестинација преку која секој може да се запознае со младите кулинари-ученици од средното училиште „Лазар Танев“ , нивните вештини и рецептите кои тие ги промовираат. На coolinari.mk можете да најдете млади кулинари, да ги погледнете нивните вештини и искуства и да ги ангажирате за ваши професионални потреби. Целта на оваа платформа е да се промовираат учениците од стручното училиште со цел нивно успешно лансирање на пазарот на труд и полесно преминување на младите од Македонија од училиште кон работен ангажман. Оваа веб страница е продукт на проект кој го работи Здружението за социјални иновации „АРНО“ во соработка со СУГС „Лазар Танев“. Проектот во 2014-та беше поддржан од УНДП Македонија, а сега својата одржливост ја гледа во социјално-претприемачките активности кои следуваат – Часовите за готвење.

Изборот на Сајт на Годината е проект која има за цел да ги промовира, развива и поддржува интернет медиумите и севкупното интернет издаваштво во Македонија. Сајт на Годината ги адресира сите прашања поврзани со електронскиот медиум и простор во Македонија. Мисијата на оваа манифестација е да го подигне нивото на електронскиот медиумски простор во Македонија преку препознавање и наградување на најдобрите остварувања од разни области на електронското издаваштво и развој на интернет културата во Македонија.