Состојки.
500 г бело брашно
2,5 дл млака вода
½ кафено лажиче сол
1 кг шарено месо (свинско месо со сланина и кртина)
1 л вода
4 страка праз

Тиквушник

Фил:

Во тенџере на оган се става месото исечено на покрупни парчиња со 1 литар вода да се вари околу 1 час. Месото треба добро да омекне и кога ќе изврие водата од тенџерето, се додава празот исечкан на ситни коцки. Се посолува по желба и се пржи уште 10-тина минути. Откако и празот ќе омекне, тенџерето се трга настрана за малку да се излади. Потоа со рака се стискаат и месото и празот за да се иситнат и да се спојат заедно во фил.

Кори:

Во вангла се ставаат брашното, солта и 2,5 дл млака вода и убаво се замесува тврдо тесто за да може да се сукаат кори. Откако тестото е измесено, се дели на 5-6 топчиња. Се зема 1 топче, се расукува во кора, која потоа се постила одозгора врз загреана рингла (или плотна од шпорет на дрва). Кората се пече 15-20 секунди од двете страни и притоа добива румени точки низ целата површина. Потоа испечената кора се завиткува во крпа на работната маса и постапката се повторува со другите топчиња. Откако корите ќе се потпечат, се раскршуваат на парчиња во тавата во која ќе се печат. Врз искршените кори се прелева претходно подготвениот фил и тавата се става во загреана рерна да се пече 30-тина минути на температура од 150°С (не треба да се пече многу бидејќи корите се веќе потпечени, а и месото исто така). Тиквушникот е готов кога одозгора ќе зарумени, па се исклучува рерната и се остава внатре уште 15-тина минути да се „тишти“. Се послужува топол и добро оди со матеница или јогурт.