Состојки.
1 кг компири
2 главици стар кромид (исечкан на тенки полумесечини)
или 10 млади кромитчиња (исечени на тркалца)
1,5 дл масло за јадење
сол по вкус
4-5 супени лажици винска или јаболкова киселина (по вкус)

Салата од компири

Компирите се мијат и се варат со лушпа. Во водата во која ќе се варат компирите се додава малку сол. Кога ќе бидат сварени компирите (треба да се внимава да не се разварат и да не се распаднат), се вадат од водата и се оставаат да се изладат малку за да може да се излупат. Излупените компири се сечкаат на покрупни коцки, па се ставаат во длабока чинија за сервирање. Се додава сечканиот кромид, се посолува по вкус, се полева со маслото за јадење и со киселината, па добро се меша со дрвена лажица. Вака подготвената салата се остава најмалку 1 час пред сервирањето да се излади и компирите да ги примат маслото и винската киселина. Пред сервирањето, по желба, може да се додаде и малку ситно сечкан магдонос.

Се служи како салата или како гарнир на главното јадење, особено со риба.