Состојки.
300 гр. грав
10 црвени пиперки (за ајвар)
3 чешниња лук
сол по вкус
масло за јадење
магдонос

Салата од грав со црвени пиперки

Убаво измиен, гравот се вари во вода со малку масло, без сол, на тивок оган. Треба да се внимава при варењето зрната да останат цели. Кога ќе омекнат, зрната грав се цедат од водата. Исцедената вода од гравот се става во посебен сад.

Црвените пиперки се мијат и се печат во рерна на 200ºС. Пиперките се печени кога ќе добијат темна боја, а лушпата ќе почне да се двои. Се остава да се изладат, а потоа се лупат, се чистат од семето и со раце се цепкаат по должина во тенки лентички. Во сад се толчи лукот со сол, па се додаваат исцепканите пиперки. Со толчникот многу малку се толчат и притоа се внимава да останат речиси цели. На крај се додаваат варените зрна грав, сè заедно убаво се меша и се посолува по вкус.

Во тавче се загрева маслото за јадење. Пред да почне да врие, се полева врз салатата и убаво се промешува. Веднаш ќе се почувствува пријатна миризба, која ќе ви отвори апетит.

Се служи топло или ладно како предјадење, особено во деновите на постење. Најчесто се мака со домашен леб.