Состојки.
4 јајца
3 кафени филџани бело брашно
5 кафени филџани пченкарно брашно
3 кафени филџани масло за јадење
5 кафени филџани јогурт (може да се замени со минерална вода)
300 г бело сирење (може да се замени со ситно сечкан пржен праз)
малку сол низ прсти
1 пакетче прашок за печиво

Проја

Во длабок сад се кршат јајцата, се додава белото брашно, потоа маслото и пченкарното брашно и сето тоа се промешува со дрвена лажица, без употреба на миксер. Потоа, се додава јогуртот (или минералната вода), малку сол низ прсти, издробеното сирење и на крај се додава прашокот за печиво. Смесата повторно се промешува со дрвена лажица и се става во намастен плех бр. 32 за да се пече во претходно загреана рерна на температура од 200º С околу 10 минути, сè додека не́ зарумени. Потоа температурата се намалува на 175 º С и се пече уште околу 30 минути.

Доколку се одлучите за комбинацијата со праз, половина од подготвената смеса се потпекува 10 минути на температура од 200º С, се вади од рерната, филот од праз се нанесува рамномерно и врз него се става втората половина од тестото. Сето тоа повторно се враќа во рерната и се допекува уште 30 минути на температура од 175 º С.

 

Се сече на коцки и се служи топло со кисело млеко.