Состојки.
250 г компири
500 г мелено мешано месо
1 главица кромид
малку магдонос (или босилек)
1 дл ладна вода
1 дл млеко
брашно по потреба
2 свежи квасеца
2 јајца
250 г маргарин
1 кафено лажиче сол
1 кафено лажиче шеќер
малку сусам

Полнети кифли

Во сад се варат компирите, се ладат, се лупат и се рендаaт на ситната страна од рендето.

Месото се пржи со ситно сечканиот кромид, се додава сол по вкус и сечкан магдонос (или неколку ливчиња босилек). Квасецот, растворен во млекото, во кое се додаваат малку сол и шеќер, се остава да стаса.

Маргаринот, компирите, водата, јајцата, солта и стасаниот квасец се замесуваат со брашно по потреба за да се добие средно меко тесто. Тестото се остава да стаса, а кога ќе стаса, се размесува, па повторно се остава да стаса. Откако ќе се размеси вториот пат, од тестото се кинат топчиња со средна големина, се ставаат на дланката и се обликуваат тркалезни корпи, во кои, со мало кафено лажиче, се става од филот со месо, потоа корпата се затвора и полека се валка во раката за повторно да се добие топче. Вака филуваните топчиња се редат во плех претходно намастен со маргарин.

Се премачкуваат со жолчка, се посипуваат со сусам и повторно се оставаат 10-15 минути за да стасаат. Стасани се ставаат во добро загреана рерна и се печат околу 30-40 минути на температура од 200°С.