Состојки.
1 кг бело брашно
5 дл вода
1 кафено лажиче сол
200 г наут (непечен)
3 супени лажици масло за јадење

Наутли погача

Наутот се подготвува 1 ноќ пред да се меси погачата на следниот начин: се толчи наутот во аван или доколку го немате, се става во платнена кујнска крпа и се толчи со чекан. Притоа дел зрнца ќе се иситнат како брашно, а дел ќе бидат на ситни парченца. Вака исчуканиот наут се става во стаклена тегла и се попарува со 3 дл врела вода. Теглата се затвора, се завиткува во ќебенце да отстои до следното утро. Кога ќе се одвитка следното утро, ако во теглата горе има меурчиња, тоа значи дека наутот стасал.
Потоа во него се додаваат 3-4 супени лажици брашно, се промешува и пак се завиткува во топлото ќебенце. По 1 час смесата во теглата нараснува како квасец и е подготвена за да се замеси. Во вангличка се истураат брашното, солта и содржината од теглата (дел од зрнцата наут што се цели или половинки може да се наредат одозгора на погачата за декорација, како на фотографијата). Сè убаво се меси и се додаваат уште 2 дл вода. Откако тестото убаво ќе се измеси, се става во подмачкано тавче со масло, се покрива и се остава на топло место да нарасне во тавчето.
Потоа се става во загреана рерна да се пече на 170°С. Откако ќе се зарумени, се вади од рерна и се прекрива со кујнска крпа за да се олади.