Состојки.
500 г бело брашно
2.5 дл млака вода
250 г кравјо масло (или маргарин)
200 г бело сирење
500 г кисело млеко
2-3 чешниња лук
сол по потреба

Мантии

Во вангличка се става брашното и водата, се додава еден прстофат сол и се замесува тесто и сè убаво се меси, сè додека тестото не престане да се лепи на рака. На набрашнета софра се расукува една голема тркалезна кора, колку што дозволува тестото. Врз неа се размачкува претходно растопеното кравјо масло или маргаринот. Со остар нож се засекуваат 16 ленти, кон центарот на кругот на кората, така што центарот на кората да остане цел, незасечен. Се почнува со преклопување на полуоформените ленти, кон центарот. Така ќе се добие подебело тесто, подготвено за повторно расукување. Ваквиот начин на засекување тесто се применува кога се сака да се добие тесто што личи на лиснато тесто.

Потоа со сукало се расукува кора во форма на правоаголник, со дебелина од 5 мм. Се сечат идентични ленти со широчина од 6 см. Врз секоја лента се ренда сирење и по должината се превиткува на половина, за да се добие лента од 3 см. Вака добиената лента се сечка по должина на парчиња од 5 см. Сето ова се повторува со сите ленти од тестото. Се редат во плех за печење и се печат во загреана рерна на температура од 250ºC, да добијат румена боја. Времето на печење го одредувате сами, со пробување на една мантија за време на печењето. Кога се готови, се вадат од рерна и така врели се полеваат со претходно истолчениот лук со кисело млеко и малку сол.
Вака налеани се враќаат во рерна уште 5 минути да се допечат. Се сервираат топли во комбинација со македонски пинџур или со некое макало.