Состојки.
За тесто:
5 дл млеко
800 г бело брашно
1 свеж квасец (може и сув)
2 филџана за кафе масло за јадење
2 супени лажици шеќер
1 супена лажица сол
За фил:
500 г спанаќ
150 г сирење
2 белки
Спанаќот се мие, се чисти лист по лист и ситно се сечка. Се стиска малку со рака, за да омекне и да пушти вода. Се додава иситнето сирење и 2 белки, па убаво се промешува.
За премачкување: 2 жолчки 250 г маргарин

Домашни кифлички

Во сад со млако млеко се раствора квасецот, се додаваат шеќерот и солта, па се остава на топло за да стаса.

Во друг длабок сад за месење прво се става маслото за јадење, а потоа се додаваат брашното и стасаниот квасец. Се меси со рака, сè додека квасецот и маслото не се впијат во тестото, а тестото не стане хомогено. Се меси околу 15 минути, сè додека не престане да се лепи на рака. Измесеното тесто се остава во садот во кој се месело, се покрива со чиста платнена кујнска салфета и се остава да стаса и двојно да го зголеми својот волумен.

Стасаното тесто се вади на набрашнета работна маса и се размесува. Се дели на 4 дела, па од секој дел се расукува кора со дебелина од половина сантиметар и се сече на 8 парчиња. Парчињата треба да се во форма на триаголник. На секое парче со мала кафена лажичка се става од филот, па секоја кифличка се свиткува како ролат од широката кон тесната страна. Вака направените кифлички се ставаат во тава за печење, претходно намачкана со маргарин. Постапката се повторува со секоја кора. Пред печењето секоја кифличка се мачка со четкичка со изматена жолчка, па на крајот на секоја свиткана кифличка се става по една сосема мала коцка маргарин. Кифлите се оставаат 20-тина минути, повторно малку да стасаат, па се ставаат во загреана рерна на температура од 200-250ºС да се печат 10-15 минути. Домашните кифлички се печени кога малку ќе заруменат и прекрасно ќе замирисаат.

Се вадат од рерна и се остава да се изладат.