Состојки.
1 кг брашно
½ коцка свеж квасец
сол по вкус
1 кафено лажиче шеќер
250 г сирење, урда или некој вид зелје
2 кафени филџана масло за јадење
вода по потреба
Се пече во долгнавест плех бр. 32

Буден Дедо

Во длабок сад убаво се замесува тестото (исто како за малешевскиот зелник) и се остава да нарасне. Се дели на 5 дела, од кои се сукаат кори, а едната од корите е најголема. Се сукаат 4 кори и се редат во намастен плех, една по една. Секоја се попрскува со масло и со дробено сирење. Од последната кора, најголемата, се прават фалти со претходно попрскување на кората со масло и со дробено сирење.

Така нафалтена се попрскува со топла вода за да не фати кора додека нараснува. Се пече во загреана рерна на 200ºС, а по 15 минути температурата се намалува на 150ºС. Кога ќе се испече, се попрскува со вода, во која е растопено малку сол. Се поклопува да отстои 15 минути, да омекне, а потоа се служи.